Нема лек, нема вакцина: Смртоносен вирус се заканува на светот – медицинска сестра во кома

52

Индиските здравствени власти се ставени во вонредна состојба поради појава на нова епидемија на вирусот Нипа – редок, но исклучително опасен вирус што се пренесува од животни на луѓе и има стапка на смртност меѓу 40 и 75 проценти.

Според официјалните информации, досега се потврдени пет случаи на зараза во пошироката област на Калкута, додека речиси сто лица се ставени под здравствен надзор поради можен контакт со заразените. Дел од нив се во строг карантин, а здравствените служби спроведуваат интензивно епидемиолошко следење.

Жариштето на заразата е лоцирано во приватна мултиспецијалистичка болница во Барасат, на околу 25 километри северно од Калкута. Првите регистрирани случаи се двајца здравствени работници – медицинска сестра и лабораториски техничар. Сестрата се наоѓа во критична состојба и е во кома, а подоцна се потврдени уште три случаи, меѓу кои и еден лекар.

Вирусот Нипа е класифициран од Светската здравствена организација како приоритетен патоген со висок епидемиски потенцијал.

Првпат бил идентификуван во 1999 година во Малезија и Сингапур, а оттогаш периодично предизвикува епидемии во Јужна и Источна Азија. Во Индија, особено во државата Керала, случаи се регистрираат речиси секоја година повеќе од две децении.

Инфекцијата започнува со симптоми како треска, главоболка, болки во мускулите и повраќање, но кај дел од пациентите многу брзо преминува во тешка пневмонија или воспаление на мозокот. Во најтешките случаи, заразените можат да паднат во кома во рок од 24 до 48 часа. Во моментов не постои специфичен лек ниту одобрена вакцина против вирусот Нипа.

Преносот најчесто се поврзува со контаминирана храна, особено суров сок од палма што може да биде загаден од овошни лилјаци, кои се природен резервоар на вирусот. Можно е и директно пренесување од животни, како и меѓучовечка трансмисија, најчесто во болнички услови.

Здравствените власти во Индија тестирале околу 180 лица, а дваесет контакти со висок ризик се изолирани. Паралелно се спроведуваат мерки за локализирање на епидемијата и спречување на понатамошно ширење.

Експертите предупредуваат дека вирусот Нипа претставува сериозна глобална закана поради високата смртност и потенцијалот за меѓучовечко пренесување. Иако неколку вакцинални кандидати се во клиничка фаза, засега не постои ефикасно решение за широка употреба.

Додека Индија се обидува да ја стави ситуацијата под контрола, граѓаните се предупредуваат да избегнуваат контакт со лилјаци, консумирање суров палмин сок и престој во подрачја каде се регистрирани случаи, бидејќи ризикот од пошироко ширење и понатаму постои.

Претходна вестТрагичните зборови на Мартин ја потресоа Македонија: Пет другари бевме на маса, а само јас преживеав