МВР вложи три милиони евра во специјални возила за надзор на границите, тврди Бојмацалиев

248

Денеска (21.03.2024) дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев ја посети Полициската станица Граничен Премин Табановце, каде што оствари работна средба со раководствата на оваа организациска единица, како и со раководството на Регионалниот центар за гранични работи СЕВЕР, на коишто беше брифиран за резултатите во изминатите два месеца.

„Во периодот јануари – февруари 2024 година протокот на патници на ГП Табановце изнесува 696.518 патници. Во наведениот период на ГП Табановце извршена е селективна контрола на вкупно 28.278 патници. Во овој период имаме 6 кривични дела и 59 прекршоци. Oткриени се вкупно 8 (7) фалсификувани документи. Во однос на истиот период лани се бележи тренд на зголемување на бројот на откриени документи за 14,9%. Исто така откриен е 1 случај на сомнение за фалсификувано возило. Во делот на илегална миграција во однос на истиот период лани се бележи тренд на зголемување на бројот на откриени илегални мигранти за 60%”, информираше Бојмацалиев во изјава за медиумите по брифингот.

Во оваа прилика Бојмацалиев истакна дека изминативе години беше вложено многу во модернизацијата на средствата и работната опрема на полициските службеници.

„Би сакал да го истакнам фактот дека обезбедивме 10 специјални возила за надзор, со термални камери со домет од 10км. Возилата се викаат MSS (mobile surveillance system) или Мобилен систем за надзор. Вкупната инвестиција за 10 возила изнесува 3 милиони евра”, рече Бојмацалиев, појаснувајќи дека секоја станица има извидувачка камера.

„Сите станици имаат извидувачки камери што регистрираат движење и праќаат слика, по 4 во секоја станица со набавени сим картици за пренос на сликата од камерата до дежурниот и други адреси на кои е сетирана камерата”, рече Бојмацалиев, додавајќи дека годинава треба да добиеме и 8 дрона, по два за секој РЦ.

Во оваа прилика Бојмацалиев беше информиран за успешноста на дигиталната алатка против корупцијата – боди камерите со кои изминативе денови беше снимен случај на поткуп од грузиски државјанин кон македонски полициски службеник на ГП Табановце.

Бојмацалиев ги потенцираше и ФРОНТЕКС извештаите.

„Воедно, извештаите на европската агенција за гранична и крајбрежна стража ФРОНТЕКС, како и другите релевантни организации, во своите извештаи за Северна Македонија бележат само високи резултати потврдувајќи го кредибилитетот на МВР на регионално и меѓународно ниво во борбата против илегалната миграција“, подвлече Бојмацалиев.

Претходна вестОВА Е МАКЕДОНИЈА: Остранети знамињата на Албанија и ОНА од манастирскиот комплекс на тетовското кале
Следна вестСветски ден на шумите – Стартува акцијата за пошумување БОРЕНКА