Мицкоски понуди, Филипче прифати – Македонија пред нови парламентарни избори

1088

Како СДСМ сме подготвени да одиме на какви било избори од денеска натаму. Во секој следен чекор на избори ќе настапиме многу поорганизирано и многу поуспешно. Ова е одговорот на лидерот на социјалдемократите Венко Филипче по четврточниот повик од премиерот Христијан Мицкоски за изборно соочување идната година.

Според Филипче, тоа што премиерот повикува на предвремени парламентарни избори заедно со локалните идната година, е доказ дека на Владата не и оди.

„Тоа што има таква најава на само три месеци од формирањето на владата е доказ дека на владата навистина не и оди“, рече Филипче во одговор на новинарско прашање.

Тој укажа и на резултати од теренска анкета што ја имале направено, а во која резултатите покажале дека 65 отсто од граѓаните не се задоволни од работата на владата. Тоа, како што рече Филипче, значи дека двајца од тројца граѓани не се задоволни од економските политики, од падот на животниот стандард, од тоа што Албанија не претрка на нашиот европски пат.

За Филипче повикот на Мицкоски е кокетирање со ДУИ и порака која е упатена пред се до „Вреди и до ЗНАМ за кои лидерот на СДСМ вели дека имаат маргинализирана улога и преполовена поддршка.

Тој укажа и дека во партијата постојано работат на јакнење на довербата на симпатизерите, а веќе имале и фидбек и подобрување на атмосферата во партијата.

„Тоа што јас и сите мои партиски другари го работиме во изминатите месеци е јакнење на довербата на нашите симпатизиреи можам да кажам дека имаме фидбек. Има значително подобрување на атмосферата внатре во општинските партиски организации, тука во централата во Скопје, вратен е ентузијазмот, ни пристапуваат многу нашите членови, но и оние што не гласале, останале дома или, пак гласале за друг политички субјект. Така да, иако тој процес не е лесен и е тежок и зема време сметам дека патот на консолидација е дефинитивно почнат“, рече Филипче.

Филипче информираше и дека за 29 ноември е закажан партискиот конгрес каде ќе биде избран новиот централен одбор, од кој ќе произлезе новиот извршен одбор и идното партиско раководство.

Во однос на информациите што минатата недела беа објавени дека ЛДП ќе излезе од коалицијата со СДСМ, Филипче денеска ги окарактеризира како шпекулации.

Прашан зошто Зајкова ја нема на две прес-конференции што пратеничката група на СДСМ и коалицијата ги имаат во Собранието, Филипче одговори дека таа денеска е на службено патување во САД, но оти доаѓала на координациите на пратеничката група.

Информацијата за излегувањето на ЛДП од коалицијата со СДСМ ја демантираше и Зајкова која рече дека како пратеник останува да дејствува независно во Собранието и дека ЛДП е независен политички субјект, со своја политичка програма и со своја либерална идеологија.

Претходна вестГерманските фирми сè помалку сакаат нови вработени, а сè почесто делат откази
Следна вест„Ги најдовме гушнати, ќерките ќе ги погребам заедно со дедо им“ – За неолку секунди изгубени три члена на семејството