Премиерот Христијан Мицкоски најави протести ако не си поднесат оставки петтемина членови на Судскиот совет на кои Собранието неделава им изгласа интерпелација. Во интервју во емисијата „Само вистина” на ТВ Канал 5, тој рече дека ќе биде први редови на тие протести.
-Ќе им се случи народ, ќе излезе народ на улица и ќе протестира, народот е гладен и жеден за правда. Замислете имате кај граѓаните помала доверба од 2 или 3%, ве разрешуваат и вие не си заминувате, водите инает. Ќе им се случи народ, прв ќе застанам кој ќе го води народот, ветувам дека тоа ќе се случи, изјави премиерот.
Прашан кој ќе ги замени ако се повлечат од функциите, Мицкоски рече дека ќе се разговара за тоа, но, како што кажа, едно е сигурно дека нема да биде исто.
На 11 март, Собранието им изгласа недоверба на петте члена на Судскиот совет, избрани од Собранието. Станува збор за членовите Весна Дамева, Селим Адеми, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Павлина Црвенковска. Овие интерпелации не се обврзувачки за нив, па затоа владејачкото мнозинство ги повика да поднесат оставки.