Една година подоцна – ужалените семејства на Вања и на Панче и тажната и разочарана јавност сè уште чекаат одговори на многу тогашни и новоотворени прашања и со внимание го следат судењето, во надеж дека таму вистината ќе се покаже.
Вања Ѓорчевска, невино, безгрижно 14-годишно девојче од Скопје точно една година не е меѓу живите – лани, на денешната дата, таа беше грабната од пред својот дом во 7.30 часот наутро и сурово убиена во околината на селото Бразда, два часа подоцна.
Наместо да стаса на училиште, тој кобен понеделник на 27 ноември 2023 година таа заврши со куршум во главата, закопана во дупка среде пустелија, со план на убијците никогаш да не бидат пронајдени ниту телото, ниту вистината.
Полицијата го лоцираше телото на Вања на 3 декември (недела), дури шест дена по грабнувањето, потрагата на нејзиното семејство доби ужасен крај.
Една година по убиството на Вања, во Кривичниот суд во Скопје во тек е судењето на петмина обвинети за нејзиното грабнување и убиство – Љупчо Палевски Палчо, претседател на политичка партија Десна, тројцата негови соработници, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, како и на нејзиниот татко Александар Ѓорчевски, кој е обвинет за помагање на грабнувањето.
Обвинетите убијци за свирепото злосторство може да добијат казна доживотен затвор, ако Јавното обвинителство недвосмислено го докаже нивното грозоморно дело, а таткото Александар до деценија робија.