Ќе има турканици: Само утре и тоа од 09 до 17 часот ќе може да се земат ваучерите за инвертери

13598

Министерството за енергетика само утре во работно време ќе ги дели ваучерите за инвертери. Граѓаните кои добиле ваучер мораат да го подигнат утре од 9 до 17 часот, друг термин нема. Ваучерите мора да се подигнат лично односно лицето кое аплицирало. Тоа значи дека ако утре не можат да излезат од работа или да земат слободен ден, ваучерот ќе им пропадне.

Жителите на Скопје и од Општините од Скопскиот Плански Регион ваучерите треба да ги земат во спортскиот центар „Борис Трајковски“. Во другите градови ќе се делат во Центрите за вработување.

Кога беше објавен повикот пред 10 месеци, од Министерството за економија рекоа дека ваучерите ќе се испраќаат по пошта за да не се создаваат гужви. Но, со доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ овој проект го презема новото Министерство за енергетика и одлучи да се земаат само во еден ден.

Министерството за енергетика вчера попладне на својата веб-страна објави дека на 7 ноември, четврток, ќе се подигнуваат ваучерите. Немаше соопштение до медиуми ниту прес-конференција за да може граѓаните да бидат запознаени.

Ваучерите мора да се искористат до 30 ноември, после овој рок тие не важат.

За ваучерите граѓаните аплицираа во февруари, а ги добија дури во ноември. За овој проект обезбедени се 4,1 милион евра или има пари за околу 6.000 ваучери. На повикот пристигнаа вкупно 18.805 барања по двата јавни повика. На огласот кој не е за ранливи потрошувачи барања доставија 14.500 баратели, а за огласот за ранливи потрошувачи 4.305 баратели.

Согласно Јавниот оглас за финансиска поддршка преку доделување потврда-ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер клима-уреди за ранливи потрошувачи за 2024 година, предвидени се ваучери од 27.000 денари за лица со ниски примања (приходи до 21.000 денари за самец, 30.000 денари за домаќинство со два члена, и 35.000 денари за домаќинство со три члена). За домаќинства со четири члена, предвиден е ваучер од 30.000 денари, а за домаќинства со пет или повеќе члена – 45.000 денари. Дополнително, за неранливи потрошувачи од Пелагонискиот и Југозападниот Регион предвидени се ваучери од 25.000 денари, а за останатите региони по 23.000 денари.

Извор: СДК.мк

претходниот член,Светот го очекуваат големи промени – се огласи Маск: Иднината ќе биде фантастична
Следната статијаДо овој момент: Само двајца лидери од Европа му честитаа на Трамп – Орбан и Вучиќ