„КАЖИ, КОЛКУ ПАРИ ТРЕБА“ Ваква порака испратил таткото на Вања во погрешна група на Вибер и брзо ја избришал

3777

Кога ја најдовме Вања, беше како жива. Рацете ѝ беа врзани позади со стега, нозете ѝ беа врзани, на устата имаше лента. Солзи ни потекоа, сведочеше началникот Димовски.

Обвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Влатко Кешишев им кажал на полицајците дека работеле по насоките на Љупчо Палевски, дека „тоа било одлука на Палчо“ откако тие го прашале што знае за случајот.

– За Кешишев се гледаше дека нешто крие. Велеше дека живее во куќата во која беше партијата Десна, дека таму готви, дека таму живее и Палчо, кој снима поткасти. Рече дека таму доаѓал Вељо, односно Велибор Манев, кој откривме дека живее на иста улица со исчезнатиот Панче од Велес и сѐ ни излезе сомнително – рече началникот Димовски.

Побарале од СВР Велес да го пронајдат Манев, да го донесат на распит и да извршат претрес кај него.

– Ни кажаа дека кога отишле кај него за претрес во 1 часот по полноќ, тој паднал во несвест. Го донесоа во Скопје. Паралелно, го испрашувавме Кешишев. Со тивко, без галама му рековме „ајде човек, ве имаме, биди човек, кажи“. Тој рече „јас не сум човек, јас сум…“ и употреби лош израз. „И јас имам учество и јас сум лош“. „За што имаш учество?“ „Сум одел со Палчо накај Бразда, ми покажуваше некој објект, сакал да гради…“ Го теравме да нѐ однесе таму, тој се кршеше. После некое време рече „ајде ќе одиме“. Музафер комуницираше со него повеќе. Влеговме во две коли. Во првата беа Музафер и Кешишев. Јас, началникот Кирче Адамчевски и уште еден инспектор во другото возило. Стигнавме во Бразда, застанавме на некоја височинка, Кешишов покажуваше дека Палчо таму сакал да прави некој објект. Се шушкаа нешто со Музафер, „ајде рече, одиме натаму“. Стигавме до местото каде беше запален „цитроенот“. Кешишев нѐ донесе до запалениот „цитроен“. Музафер му велеше „ајде кажи“, тој велеше „се плашам, ако дознаат, Палчо има многу луѓе во полиција, ќе ме убие“. Кешишев рече да одиме накај ридот, влеговме пак во колите. По асфалтен пат, па почна земјен, излеговме пешки нагоре. Прво Музафер со Кешишев и наидовме на рачва, тие отидоа лево, ние десно и бараме, јас не знам што бараме, се надмудрувавме… Се вративме, се најдовме кај рачвата. Му рековме, „ајде кажи, не нѐ вози“, рече „ајде“. Тргнавме по левиот крак, по 700 метри почна да покажува со главата на едно место. Не зборува, само со главата покажува. Што да правиме прашувам, да копаме, тој пак со главата покажува кон едни перници, мушами, куфер… Ги тргнавме, одоздола земја, видовме дека е ровка. Почнавме да копаме, видовме земјата пропаѓа. Музафер и Кешишев стоеја на страна, Кешишев не сакаше ни да гледа, беше свртен со грб. Дојде Музафер, вика „абе овој Кешишев вели дека таму е ова маленкото што го барате“. „Што збориш?“ Му реков „дојди и ти да копаш со нас“. Баравме лопати, немавме сила да копаме, бевме неспиени, уморни. Еден од нас отиде во селото, најде лопата, началникот копаше. Се појави нешто бело, нѐ фати шок, солзи ни наидоа на сите на очите. Му јавиме на јавниот обвинител Гаврил Бубевски, на судска медицина, да се продолжи со работа. Им се јавив на колегите што разговараа со Велибор Манев, им реков го најдовме девојчето, разговарајте убаво со Манев. Кешишев му рекол на Музафер, „знаеш ли кој беше со нас, Боре каратистот“. Па и за него баравме да се уапси. Дојде на лице место судска медицина, ЈО, се подигна телото. Се вративме назад, во шок. Телото кога го извадија, беше како жива. Рацете ѝ беа врзани позади со стега, нозете ѝ беа врзани, на устата имаше лента. Не видовме други знаци на насилство, беше како жива. Дали дека времето беше ладно, немаше знаци на распаѓање. Кога се вративме, колегите што разговараа со Манев ни кажаа дека овој признал сѐ за Панче и им кажал каде е закопан и ќе ги носи да им го покаже телото – сведочеше началникот Димовски.

И тој имал впечаток дека таткото Александар се однесувал чудно.

– На Сејф сити видовме дека на 27 ноември во 9.15 неговото возило проаѓа кон „Александар палас“ и Качанички пат. Саат време претходно таму видовме дека поминале „цитроенот“ и „кангуто“. Го прашавме каде одел и зошто токму таму. „Па, ако ја однеле накај граница, мислев да проверам.“ За него имаше индиции. Велеше „ја најдовте ли убиена?“ Во разговорите со Велимир и со Боре тие рекоа дека таткото на Вања му кажал на Палчо дека Вања ќе оди сама кон школо. Најдовме порака, скрин шот од неделата навечер од разговор на Вања и Александар, кој ѝ го препратил на Зорица во која тој им вели на децата „утре ќе биде ладно, мунус 7, облечете се многу добро, со дуксер, шал, ракавици…“ Еден ден Александар ѝ рекол на Зорица, „не се секирај, ако побараат откуп, ќе земеме пари од Хари“. Во групата со родители на Вибер, Александар ја згрешил групата и напишал „кажи колку пари треба“, ама брзо ја избришал пораката. Но некои родители ја виделе и ни кажаа – рече Димовски.

На прашањето како обвинетите комуницирале меѓу себе, началникот Димовски рече дека користеле радио врски и дека биле многу претпазливи.

– Десет дена интензивно работевме, последните два дена не си отидовме дома, работеше голема група полицајци – додаде началникот Димовски.

претходниот член,Кога ја најдовме Вања, рацете и нозете ѝ беа врзани со стега, а на устата имаше лента, сведочи полициски началник
Следната статијаВо главата на Вања било пукано преку перниче: Куршумот пробил 34 сантиметри низ вратот на девојчето