Маријана Димова, мајка на Александар (14) од Сенокос, Прилеп, кој беше свирепо убиен со десет убоди од нож на 29-ти февруари годинава, веќе четири дена е хоспитализирана во прилепската болница, откако по траумата која ја доживеа, здравјето нагло и се влошило. За „Фокус“ вели дека не може да се помири со загубата на син и, и психички сосема паднала.
-Животот на сите дома ни се уништи од корен. Немав повеќе сили да издржам, потклекнав и завршив во болница во саботата. Дома остана сопругот со трите малолетни деца, не знаеме како ќе продолжиме напред.
Јас бев единствената од семејството која оди на работа, вработена сум во фабрика во близина на Прилеп, и немам сили да се вратам на работа по она кое ни се случи. Се задолживме за да го погребаме Александар, дојдовме до ситуација да молиме за донации за да ги вратиме долговите, но и за да му подигнеме надгробна плоча каква што заслужува. Сето ова е како еден лош сон од кој не можеме да се разбудиме – вели Маријана.
Појаснува дека 16-годишното момче кое е во притвор, осомничено за убиството на син и, ќе си продолжи со животот, додека за нив повеќе нема ниту мир, ниту среќа. Прашува зошто институциите дозволиле тој да биде на слобода, да не биде згрижен во соодветна институција, кога одамна се знаело дека е проблематична личност и во минатото во повеќе наврати бил насилен со други деца, а исто така и во јануари нападнал 60-годишен маж со нож, за време на верскиот празник Коледе.
-Го оставија таков каков што е, слободно да живее, и ете на крај му пресуди на моето дете. Син ми никој не може да го врати, но бараме правда и одговорност!
Не повикаа пред две недели во Прилеп, да дадеме изјави со сопругот, ни останува само да чекаме и да се надеваме дека убиецот кој го прекина животот на син ми ќе ја добие заслужената казна.
Уште првпат кога кренал рака на дете, кога започнал со тепакчи и насилство, требаше да биде некаде згрижен. Да се посветело внимание како што треба, ова немаше да се случи! Сите не зацрни, не разболе, како ќе продолжиме ние сега со животот, кога изгубивме младо дете од раката на ладнокрвен убиец? – прашува очајната мајка.
Целата вест на ФОКУС.мк – клик ТУКА.