Без виза влегуваме во 129 земји – Македонскиот пасош 40-ти меѓу светските патни исправи

32

Македонските државјани со црвената патна исправа без виза можат да влезат во 129 држави. Тоа на нашиот пасош му го обезбеди 40-то место, од 106 позиции на кои се распоредени патните исправи во светот за 2025 година, опфатени во рангирањето на британската консултантска компанија „Хенли & Партнерс“.

Во споредба со минатогодишното рангирање, нашиот пасош се поместил нагоре за три места.

Оваа позиција Северна Македонија ја споделува со Црна Гора и со Маршалските Острови. Во регионот, од македоснкиот пасош послаби се патните исправи на Албанија и на Босна и Херцеговина (на 43 место со безвизен режим за 123 земји) и на Косово (63 место и влез во 80 земји). А, подобри се пасошот на Грција, шесторангиран поради слободниот влез во 189 земји, на Словенија е десетти (185 држави), хрватскиот 11-ти (184), бугарскиот 15-ти (178) и српскиот е на 34-та позиција со можност без виза да се патува во 139 држави.

Од 227 држави и територии во, границите на 195 без проблем се креваат за имателите на сингапурскиот пасош. Поради тоа патната исправа на Сингапур е на првото место и се смета за најмоќна во светот.

Со јапонски пасош може без виза да се влезе во 193 земји и е на втората позиција. Третото место го делат Финска, Франција, Германија, Италија, Јижна Кореја и Шпанија (192). На четврто се Австрија, Данска, Ирска, Луксембург, Холандија, Норвешка и Шведска (191). Петтата позиција е за пасошите кои обезбедуваат безвизно патување во 190 држави – на Белгија, Нов Зеланд, Португалија, Швајцарија и на Велика Британија. Шести се патните исправи на Австралија и Грција (189), седми на Канада, Малта и Полска (188), осми на Чешка и Унгарија (187).

Американскиот пасош на деветото место, а на амерканските државјани не им е потребна виза за влез во 186 земји. Исто како и на имателите на естонскиот пасош.

Во топ десет се и патните исправи на Летонија, Литванија, Словенија и Обединетите арапски емирати, со кои без проблем се патува во 185 земји.

Државјаните на Авганистан без виза можат да посетат само 26 земји, па нивната патна исправа е на последното 106 место. Едно место подобро котира пасошот на Сирија (27 земји), а на 104-то е на Ирак, чии жители без визи двлегуваат во 31 земја.

Индексот на „Хенли & Партнерс“ се базира на официјалните податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА). Моќноста на патните исправи првенствено се одредува според тоа колку гранични рампи отвораат без виза. Индексот за пасоши опфаќа 227 дестинации за патување и се обновува квартално. Македонскиот пасош првпат е рангиран во 2009 година, кога бил на 51. место, а тоа е и најлошиот пласман на оваа листа. Најдобро бил позициониран во 2014 година, кога се наоѓал на 36. место и во 2013 – на 38-то. На 41. позиција бил во 2021, на 43-та во 2018 и во 2023, на 44-та исто така бил двапати – во 2011 и 2020. Трипати се наоѓал на 45-та позиција (2016, 2019, 2022), а на 46-та бил во 2010 и 2015 година. Во 2012 година бил рангиран на 47, а во 2017 на 48-то место.

Што се однесува до можностите што ди дава црвената патна исправа – без виза може да се влезе во повеќе европски земји: Австрија, Албанија, Андора, Белгија, БиХ, Германија, Грција, Данска, Естонија, Исланд, Италија, Кипар, Косово, Летонија, Литванија, Ликсембург, Малта, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Финска, Франција, Холандија, Хрватска, Чешка, Црна Гора, Швајцарија, Шведска и Шпанија.

Преку големата вода, на американскиот континент не треба виза за Карибите, Бахами, Доминиканската Република, Куба… Во делот на Јужна Америка – во Аргентина, Бразил, Еквадор, Колумбија, Перу, Чиле…, а на Централна Америка – во Гватемала, Хондурас, Ел Салвадор, Никарагва и Панама.

Исто така, со македонски пасош без виза се влегува во Израел, Индонезија, Јапонија, Макао, Малезија, Сингапур, Узбекистан и Хонгконг.

Претходна вестХрватката Ана по посетата на Македонија: Бевме убедени дека ќе јадеме за релативно мали пари, но се излажавме
Следна вестКостова од СДСМ предлага серија на итни мерки за борба против загадениот воздух