Сообраќајот кон скопската населба Волково попладнево се одвива со големи тешкотии и само по една коловозна лента, поради сообраќајна несреќа што се случила во близина на Основното училиште „Тихомир Милошоски“ во скопско Ново Село.
Според информации споделени на социјалните мрежи од очевидци, приватен автобус удрил во девојче, кое при несреќата поминало со полесни повреди. Според првичните наводи, за среќа, повредите не се од сериозен карактер.
На местото на инцидентот сообраќајот е делумно регулиран, но и покрај тоа се создаваат значителни застои, особено во насока кон Волково. Колоните возила се зголемуваат, а движењето е значително забавено.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се очекуваат дополнителни информации за околностите под кои се случила сообраќајната незгода, како и за евентуалните понатамошни мерки што ќе бидат преземени.
Надлежните апелираат до граѓаните да бидат внимателни при движењето во овој дел од градот и, доколку имаат можност, да ја избегнуваат трасата, бидејќи се очекува сообраќајот да остане отежнат и во наредните часови.



