Хрватската полиција трага по 33-годишната Бојана Пешевска, родена во Штип, која минатата година беше обвинета за повеќе кривични дела поврзани со случајот со бруталното убиство на 34-годишниот Амар Софиќ од Зеница.
Според информациите објавени на хрватскиот портал за исчезнати лица, Пешевска исчезнала на 17 август, а особено загрижува информацијата дека се оддалечила заедно со малолетно дете.
Пешевска е родена во 1993 година во Штип, Македонија. Висока е околу 165 сантиметри, има средна телесна градба, руса коса и кафени очи. Во моментот на исчезнувањето носела кратка широка маица со натпис, кратки спортски панталони и патики.
Потрагата ја води Полициската управа Вировитичко-подравска, а полицијата ги повикува сите што имаат информации за нејзиното движење да се обратат во најблиската полициска станица.
Обвинета во случајот со бруталното убиство на Амар Софиќ
Името на Пешевска претходно се појави во истрагата за тешкото убиство на 34-годишниот Амар Софиќ од Зеница.
За неговото убиство беше обвинет 25-годишниот Јуре Удоровиќ. Според обвинението, Софиќ најпрво бил омамен со алкохол и таблети, а потоа претепан. Додека бил во беспомошна состојба, бил фрлен во реката Купа, каде што се удавил.
Според обвинителството, мотивот бил неговиот автомобил BMW.
Пешевска, пак, е обвинета дека иако знаела дека Софиќ бил убиен, го префрлила неговиот автомобил на свое име користејќи фалсификуван купопродажен договор.
Против неа биле покренати обвиненија за фалсификување исправи, заверување невистинита содржина и непријавување кривично дело.
Убиството се случило на почетокот на ноември 2024 година, а телото на Софиќ било пронајдено на 14 ноември, на вливот на Корана во Купа.
Сега, речиси две години подоцна, Пешевска е пријавена за исчезната, а хрватската полиција трага по неа и малолетното дете со кое се оддалечила.
Засега јавно не се наведуваат околностите под кои исчезнала ниту каде би можела да се наоѓа.




