Невремето го откажа концертот на Џос Стоун во Скопје

Концертот на британската пејачка Џос Стоун, кој требаше да се одржи вечерва на Стадионот на АРМ во Градски парк, е откажан поради силното невреме што попладнево го зафати Скопје, соопшти организаторот „Авалон“.

Од организаторот информираат дека по извршената проценка било утврдено дека нема услови просторот и продукциската опрема да се доведат во состојба што би овозможила безбедно одржување на концертот.

Дополнително, како причина е наведена и најавата за ново невреме во периодот меѓу 21:00 и 22:30 часот, поради што концертот е откажан од безбедносни причини.

„Сите информации околу повратот на средствата ќе ги добиете во текот на утрешниот ден“, соопштија од „Авалон“.

Ова требаше да биде втор настап на Џос Стоун во Скопје, по нејзиното гостување на Скопскиот џез фестивал во 2016 година.

Претходна вестНад 1.000 повици до ЦУК по силното невреме во Скопје
Следна вестУХМР во вонредно јавување: Невремето од Албанија и Косово оди кон Македонија