По завршувањето на седницата на Советот за безбедност, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова истакна дека Македонија не е изложена на нестабилност и дека нема непосредна опасност за безбедноста ниту во земјава, ниту во регионот. Таа додаде дека постои функционирачки систем за предупредување, а надлежните институции континуирано ја следат состојбата и се координираат за да се обезбеди стабилност.
– Институциите ќе продолжат да ја следат состојбата. Се координираме и со органите во соседните земји и ќе ги споделуваме релевантните информации, истакна претседателката.
Седницата беше водена од претседателката на Советот за безбедност, Гордана Сиљановска-Давкова, а на неа присуствуваа членовите на Советот: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова и Владо Спиридонов.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој во моментот се наоѓа на службен пат, се вклучи во седницата преку видео-врска.
Исто така, на состанокот присуствуваа директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, како и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Советот за безбедност е највисоко советодавно тело во државата кое ја разгледува безбедносната и одбранбената состојба во Република Северна Македонија и подготвува препораки за Собранието и Владата за заштита на националните интереси.
Претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека институциите ќе продолжат да ја следат безбедносната состојба и дека државата е подготвена да реагира на сите можни предизвици.




