Видеото е на крајот од текстот.
Во организација на опозициската Демократска партија, вечерва пред Владата на Албанија, на плоштадот „Народни херои“ во Тирана, се одржа голем национален протестен собир на кој присуствуваа граѓани од речиси сите делови на земјата. Ситуацијата беше тензична, а протестот ескалираше во сериозни инциденти.
На собирот се обратија пратеници и високи претставници на опозицијата, кои упатија остри обвинувања кон премиерот Еди Рама и неговата влада, оценувајќи дека „соборувањето на нарко-режимот е историска должност“. Поранешниот премиер и лидер на Демократската партија, Сали Бериша, порача дека целта на протестите е соборување на владата на Рама и формирање техничка влада која ќе организира слободни и фер избори.
„Ова е ден на граѓанска храброст, бунт и одлучност. Ден кога граѓаните го изведоа пред суд главниот крадец на нацијата – премиер поврзан со бандити, шверцери и убијци. Албанија ќе ја спасиме со револт и само со револт. На чекор сме до триумфот и нема да застанеме“, изјави Бериша во своето обраќање.
По говорите, дел од демонстрантите се обидоа насилно да влезат во владината зграда, при што фрлаа молотови коктели и пиротехнички средства. Поради пожарот и опасноста, на терен интервенираше противпожарно возило, а полицијата употреби водени топови и солзавец за растерување на насобраните.
Во текот на инцидентите, петмина полицајци беа повредени и со изгореници пренесени во болница. За обезбедување на протестот беа ангажирани околу 1.400 полициски службеници, а владината зграда беше заштитена со метални огради на влезовите и прозорците. За време на немирите, Бериша остана на подиумот, вееше албанско знаме и испраќаше пораки до демонстрантите.



