Се превртел автобус со 30 жени во Грција – тргнале кон манастир, 12 завршиле во болница
Синоќа во близина на Волос, Грција, се случила сообраќајна несреќа кога автобус со 30 жени, кои патувале кон манастирот во Канали (област Магнисија), се превртел на сред пат.
Од нив, 12 жени се пренесени во болница со полесни повреди и нагмечувања.
Според сведочењата на патничките, на патот изненадно излетало куче. Возачот нагло свртел за да го избегне, по што автобусот излегол од својата лента, проклизал и се превртел во канал.
„Сè се случи за дел од секунда. Светлата изгаснаа, автобусот нагло сврте и излетавме од патот. Жените од десната страна најмногу настрадаа бидејќи автобусот падна во канал, а и ние од левата страна паднавме врз нив. Сите се исековме на скршените стакла, настана паника“, раскажале патничките.
На местото на несреќата веднаш пристигнале полицијата, три противпожарни возила и екипи на Итната помош, а помош пружиле и возачи кои минувале покрај местото.



