На периферијата на Равена, Италија, во близина на каменолом, се случила сообраќајна несреќа помеѓу два камиона, при што загинал 60-годишен маж, а друг возач бил повреден.
Жртвата е државјанин на Северна Македонија кој живеел во Луго. Двата камиона се движеле во спротивни насоки – едниот влегувал, а другиот излегувал од каменоломот – кога дошло до силниот судир.
Според италијанските медиуми, Ислами Месут, 60-годишниот државјанин на Македонија, е човекот кој загина во трагичната несреќа кај каменоломот во Фосо Џијaја.
Општината Луго изрази сочувство до семејството на Месут – неговата сопруга, двете деца и внуците.
„Добро познат во заедницата Валтана. Го викавме Макс (неговото вистинско име е Ислами), од македонско потекло, дојде во Италија пред околу 20 години да работи. И тоа секогаш го правеше со чесност и посветеност“, напиша градоначалничката Елена Занони на социјалните мрежи.
„Макс и неговата сопруга се добро познати и почитувани низ цела Валтана, каде решија трајно да се населат по краток престој во Равена. Нивната работа им овозможи на двете нивни деца да дипломираат и да купат куќа.
Сметаме дека сме биле среќни што ги имавме за соседи и пријатели“, рече Валерија Монти, претседателка на Советот на Валтана. „Тие беа прекрасна фамилија, совршен пример за интеграција.“



