Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денес од Аеродром упати повик до граѓаните масовно да излезат на гласање во вториот изборен круг и да ја поддржат кандидатурата на Александар Трајановски за градоначалник на општината.
„Ги повикувам сите граѓани на Аеродром да излезат во уште поголем број отколку во првиот круг и да го дадат својот глас за Александар Трајановски“, изјави Филипче, истакнувајќи дека кандидатот на СДСМ ја има поддршката од граѓаните, но и потребниот капацитет и искуство.
Според него, Трајановски се издвојува како сериозен кандидат кој веќе на терен покажал дека знае како да ја води општината и понудил реални решенија за нивните проблеми.
„Покажа со своето однесување, со својата работа на терен и со контактите со луѓето дека има капацитет да ја води општината. Во секој аспект и од секој агол, тој е неколкукратно подобар од противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ“, нагласи Филипче.
Тој посочи дека актуелниот градоначалник не понудил отчет за тоа зошто не е реализирана ниту петтина од предизборната програма, што, како што рече, е сигнал дека Аеродром може и мора подобро.
„Човекот нема одговор на тоа зошто не е исполнето ниту 20% од неговата програма. Сметам дека Аеродром заслужува многу повеќе од тоа“, додаде Филипче, упатувајќи апел до жителите да направат промена.



