Барем е искрен: Министерот за здравство не знае колку лекари во Македонија работат без или со истечена лиценца

633

Јавно ќе кажам дека немам точна бројка колку доктори работат во здравствените установи во државата. Во еден таков систем, штом се појавил еден доктор во Струга, претпоставувам дека ги има и во други градови. Вака одговори министерот за здравство Азир Алиу прашан за тоа зошто бил дозволен пропуст во случајот со 42 годишниот доктор од Струга кој пет години не одел на работа, го прекинал специјалистичкиот стаж, но сепак земал плата. Така, го оштетил буџетот на болницата за околу 2 милиони денари.

Алиу вели и дека во иднина ова може да се спречи само со функционална анализа која ќе покаже колку кадар работи а колку е потребен.

Азир Алиу, министер за здравство: Уште немам јасна бројка, кога велам јасна и прецизна велам јасна бројка, не може да биде плус еден или минус еден додека не стигнеме до тоа јас јавно ќе кажам дека не знам точна бројка на доктори. Сега во еден таков систем кога не знаете точна бројка на доктори можеби има уште повеќе такви, претпоставка е ако еден се појавил ги има и во други градови.

Директорот од струшката болница доктор Владимир Бунчески за Телевизија 24 кратко одговори дека нема информација зошто не се постапувало во овој случај.

Немам информација зошто и како е дојдено до тоа.

Министерството за внатрешни работи пак против 42 годишниот доктор поднесе кривична пријава поради сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.

Според информациите од полицијата, пријавениот од 1 јули 2019 година па сè до добивањето на отказното решение на 29 ноември 2024 година, не се јавувал на своето работно место, ниту пак го известил работодавачот за прекинот на специјалистичкиот стаж.

Дополнително, од 15 јули 2020 година, кога му истекла важноста на лекарската лиценца, па сè до моментот на отказ, немал важечка лиценца за работа како доктор по медицина, издадена од Лекарската комора.

Претходна вестПремиерот Мицкоски истакна дека патот до Охрид ќе не чини повеќе, но ќе се заврши за 2 години
Следна вестОдморот во Грција се претворил во кошмар: Почина 15-месечно бебе