Скопската градоначалничка Данела Арсовска во видео објавено на социјалните мрежи тврди дека во полициската станица „Пролет“ имало обид да се прикрие денешниот инцидент за да се заштити лицето што ја нападна во Чаир.
Снимено во автомобил, Арсовска во видеото вели во полициската станица биле заедно со советничката Ирена Витина и таму останале повеќе од два часа.
„Некаде по првиот час расположението во полициската станица нагло се промени по што почнаа да се обидуваат да го прикријат овој настан што се случи со цел да го заштитат лицето кое што всушност физички се пресметуваше, односно физички ме нападна“, наведува Арсовска.
Во станицата, како што тврди, била прашувана што барала во Чаир и зошто одела на терен.
„Ако целта ви е да ме спречите да излегувам на терен еве уште веднаш ќе ви кажам тоа нема да се случи и нема да ме спречите да одам на терен“, вели градоначалничката на Скопје.
Таа уште еднаш ја раскажа својата верзија на настанот, односно инцидентот во Чаир, каде биле заедно со (градежниот) инспекторатот на Град Скопје и со двајца униформирани полициски службеници на Министерството за внатрешни работи.
Арсовска вели дека првин била физички нападната од лицето што го посочува, а кое потоа, како што тврди, продолжило грубо да ѝ се заканува на неа, но и на другите присутни службени лица од Град Скопје.
Полицајците, тврди градоначалничката, не реагирале на заканите и му дозволиле на лицето да се јавува на телефон и да се заканува.
„Лицата што беа од МВР цел еден час стоеја покрај него, си разговараа со него, притоа дозволувајќи му да сврти едно дваесетина телефонски повици во кои јавно и јасно упатуваше закани за членовите на моето семејство“, вели Арсовска, тврдејќи дека имало обиди за напад и врз службениците од Град Скопје.
Пред да замине во полициска станица, вели дека три часа поминала во Градската општа болница „8 Септември“, каде ѝ била укажана лекарска помош.
„Министерството за внатрешни работи ги брани оние кои што напаѓаат и тепаат по улици или можеби се плашите од нив. Ако се плашите, Тошковски ако се плашиш дади си оставки и дај некој што е храбар, што има срце, што има душа нека оди да се справува со овие луѓе. Треба ли да се плашиме да излеземе од дома“, вели скопската градоначалничка на крајот од видеото.