Јавноста е во шок и неверување, откако денес ВМРО-ДПМНЕ даде поддршка за бојкотот на кој повикуваат граѓаните на социјалните мрежи против големите маркети. Ова за многумина е чудно, па затоа има и лавина од коментари. Тие го поддржуваат бојкотот, а пред неколку денови гордо велеа дека кошничката која ја промовираа била успешна и дала големи резултати.
Новогодишната кошница беше успешна, објавија тогаш од ВМРО-ДПМНЕ и Владата. Во продолжение и соопштението за поддршка на бојкотот за маркетите.
ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува иницијативата за бојкот на маркетите, соопшти предмалку партијата.
-Сигурни сме дека институциите активно ќе се спротивстават на забеганоста на дел од маркетите и состојбата во која без никаков индикатор кој предизвикува инфлација тие нечовечно да ги зголемуваат цените и да учествуваат директно во зголемување на сиромаштијата богатејќи се на грбот на граѓаните преку уцена и монопол и општествено неодговорен однос. Истовремено за очекување е владата да подготви сет на мерки како за контрола на растот на цените, да ги истражи овие однесувања на маркетите дали низ годините наназад до денес правеле злоупотреби, даночни ескивирања или други прекршувања на законите и истовремено да ја засили контролата врз нивната работа. Ова дивеење на маркетите мора да престане, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека нема никаква економска причина надвор од своеволноста на трговците, која тоа го оправдува освен голиот профит на грбот на граѓаните.
-Ваквите навики на трговците толерирани од претходните влади доведоа до тоа во државава да се зголемува сиромаштијата, а на сметка на тоа да се богатат 5-6 сопственици на маркети преку нереални зголемувања на цените и злоупотреба на позицијата во општеството, се наведува во соопштението на партијата.