Драга госпоѓо, стара скопјанке, извинете што ние провинцијалците ви го загадивме воздухот

200

„Магла во Скопје имало отсекогаш. И секогаш било загадено, ова не е ништо ново.“ Почетокот на овој текст споделен на социјалните мрежи од една госпоѓа, стара скопјанка, веднаш ми го привлече вниманието. Верував дека ќе откријам нови податоци за загадениот воздух. Симпатични за читање беа нејзините случки од детството и средношколските денови, кога не можеле да видат „ни прст пред око“ од густата магла. Оваа појава ја објасни со природната положба на Скопје, која е голем хендикеп на градот. И во право е. Само што помислив дека ќе ги лоцира проблемите за загадувањето кои се присутни уште многу одамна, следуваа неколку поенти. За загадениот воздух виновни се тие што граделе згради, неплански и аматерски за да може да ја соберат „пола Македонија“. На тој начин го запреле ветерот, кој порано бил природен филтер на воздухот. Затоа маглата и загаденоста повеќе им пречи на тие што дојдоа во метрополата од места кадешто има чист воздух, со своите автомобили. Смогот ги гуши. Порано немало инструменти за мерење на загаденоста. Но, како стара скопјанка се навикнала на маглата, затоа „ни воздух осеќа загаден, ни очи ја печат“. Едно време се обидувала да им каже на дојденците дека секогаш имало магла, ама немало инструменти за мерење на загаден воздух и убаво живееле. Но, веќе „дига ручна“.

На крај следува и апелот до нив: „Сега научете да живеете во град со магла.“

Ја разбирам. На една госпоѓа, на која едно од најголемите достигнувања ѝ е титулата „стaра скопјанка“ не ѝ прилега да зборува со луѓе што направиле ниту градот, ниту маглата да бидат исти.

Постот имаше околу 300 лајкови и повеќе од 80 коментари. Речиси сите со поддршка за напишаното.

Драга госпоѓо, стара скопјанке. Јас сум една од „загадувачите“. Дојдов во Скопје од Гостивар. Вие не ме нарековте така, но сама ќе речам дека многу повеќе ми прилега зборот сељанка, отколку провинцијалка. Родена во с. Бањица, гостиварско, каде што во тоа време беше сместена болницата. Било која тема да ја апсолвиравте и проблемот да го лоциравте во луѓето „од пола Македонија“ што ви го окупираа родниот град, да ги навредувавте до срж, да пишувате невистини, верувајте нема да реагирав. Ќе дигнев рачна. Но, со мојата високо развиена граѓанска свест за оваа тема, морам да ви возвратам.

За деталниот урбанистички план се грижат скопските општини. Тие издаваат дозволи за градба, дури и на места кои се државно, односно, скопско, земјиште. Зградите во Скопје се градат на имоти, парцели, ниви, од стари скопјани. На објектите не пишува „продажба на станови само за провинцијалци“ кои најавија дека ќе се селат во Скопје. Да, нагласам и тие доаѓаат од загадени средини, градови. Дури и во мојот Гостивар одамна нема чист воздух.

Драга госпоѓо, стара скопјанке. Нема секој пари да купи нов автомобил. Сигурна сум дека дел од вашите пријатели, колеги, соседи кои се родени во Скопје, возат раскантани автомобили со дупнат ауспух (загадувач). Сиромаштијата ги тера луѓето да користат сѐ и сешто за да ги загреат малите и влажни соби (загадувач). За јавниот превоз, во кој се возат и провинцијалците, се грижат мајката или таткото на Скопје (загадувач). Оџаците на фабриките работеле уште кога сте се родиле. Ваш е пропустот што не сте обрнувале внимание што има во чадот што го испуштаат (загадувач) кога сте биле доволно возрасна да навлезете во проблемот, а ниту сега. Моја е предноста што почнав да се интересирам веднаш штом се преселив во метрополата.

Загадениот воздух се мереше и во социјализмот и податоците се објавуваа секој ден. Загадувањето не е од вчера. Сериозните и свесни луѓе стручни за оваа тема тврдат дека со децении освен атмосферата, загадена е и земјата. Ѓубрето само се таложело и сега сме на светскиот врв. Скопје е најзагаден град во светот.

Драга госпоѓо, стара скопјанке. Темата за провинцијалците во Скопје е непресушна инспирација на спротивставени ставови поради правото некој да живее во метрополата, иако тука не е роден. Ја апсолвирав додека студирав, ја магистрирав кога почнав да работам. Што заклучив? Постојат две врсти на скопјани – квази и вистински. Првите мислат само дека е доволно што се родиле во Скопје. Секогаш го истакнуваат своето потекло и најлесно им е за својот неуспех да ги обвинат провинцијалците. Вистинските скопјани никогаш не зборуваат за своето потекло и не се удираат по градите велејќи кој сум, од каде сум и што сум. Тие го сакаат својот град. Ги сакаат и останатите кои ја делат таа емоција. Тие грчевито се борат за Скопје да стане еколошка здрава средина. А сите ние, провинцијалци или родени скопјани треба да ги поддржиме. Локалната заедница мора да функционира како една целина која ќе препознае еден голем локален проблем, во случајов загаден воздух. Се гушиме во смог, сулфур, јаглен диоксид…. Бог знае што сѐ има во тоа што се нарекува атмосферски воздух кој полека, но сигурно ни ги труе градите, срцето мозокот, но и душата. Министерството за екологија, надлежните служби, сите досегашни влади, пратеници во собраниските клупи, очигледно се прават дека не знаат што дишеме. Засега само бројат колку мртви имало кога едните или другите биле на власт. Помала бројка, поголем успех. Но, ретко го спомнуваат фактот дека во Македонија 11,6 отсто од сите смртни случаи на доенчиња се должат на загадениот воздух, што е секој 9-ти смртен случај на деца под една година.

Се труеме сите, без разлика од каде дојдовме или каква вероисповед имаме. Екологијата не е профитабилна работа, но борбата за здрава средина треба да ни е приоритет. Затоа треба да сме разумни, да го дигнеме гласот да се преземат мерки.

П.С. Драга госпоѓо, немам ништо против вашата титула „стара скопјанка“. Напротив, ве почитувам, сите што сте родени во метрополата која ви дала можност да бидете чекор напред во повеќе аспекти. Но, за оваа тема сте чекор назад. Затоа ќе ви упатам и јас апел. ,,Дигај ручна”. Побарајте ја Ели Пешева, една од најголемите поборници за чист воздух и здрава еколошка средина. Ви ја препорачувам неа, зашто лично ја познавам. Стара скопјанка, која го сака градот и сите луѓе кои ја делат истата емоција. Разговорот со неа ќе ѝ даде поголем сјај на вашата титула.

Соња Алексоска Неделковска

Колумна за Женски магазин

Претходна вестТрагичен крај на потрагата: Пронајдено телото на Ивона
Следна вестЗгмечени автомобили, стакло на сите страни – страотна сообраќајна несреќа