Рано утринава падна сириската Влада, откако бунтовниците со брзина на молња ја презедоа контролата врз главниот град Дамаск, а на улиците излегоа толпи народ за да го прослават крајот на 50-годишното владеење на семејството Асад.
Сириската државна телевизија објави видеоизјава на група мажи во која се вели дека претседателот Башар ал-Асад е соборен и сите затвореници во затворите се ослободени.
Човекот кој ја прочита изјавата рече дека опозициската група позната како „Оперативна соба за освојување на Дамаск“ ги повика сите опозициски борци и граѓани да ги зачуваат државните институции на „слободната сириска држава“.
Асад ја напуштил земјата со авион на непозната локација, бегајќи пред бунтовниците кои рекоа дека влегле во Дамаск по неверојатно брзиот напредок низ земјата.
Многу од жителите на главниот град не веруваат во брзината со која Асад ја загуби контролата врз земјата по речиси 14 години граѓанска војна.
Конфликтот во Сирија беше во голема мера во мирување од постигнувањето на примирјето во 2020, додека опозициските сили ја задржаа контролата во северозападната провинција Идлиб. Градот Идлиб е оддалечен само 55 километри од Алеп, кој до 2016 беше упориште на бунтовниците.
Сегашната офанзива е предводена од исламистичката милитантна група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТШ) и сојузничките фракции поддржани од Турција. ХТШ беше основана како Џабат ал-Нусра во 2011 и беше директно поврзана со Ал-Каеда, од која јавно се оддели во 2016. Таа се смета за најефективна и најсмртоносна група која се бори против Асад .