Поддржувачите на опозицијата фрлаат камења и цигли, но и црвена боја кон Градското собрание во Нови сад.
Демонстрантите се обидоа да го запалат Градското собрание, ставајќи неколку факели низ прозорците. Градското собрание е, веднаш до Католичката црква, најмонументалната зграда во Нови Сад од крајот на 19 век.
Учесниците на вечерашниот протест на опозицијата во Нови Сад ги искршиле прозорците и вратите на градското собрание во Нови Сад и внатре фрлале ракети и петарди, обидувајќи се насилно да влезат во зградата, а полицијата реагирала и употребила солзавец. Но по кратка пауза продолжи уништувањето на зградата на Градското собрание.
Со транспаренти во рацете со натписи „Виновни сте, ќе одговарате“, „Затвор, а не оставка“, „Корупцијата убива“ и слично, стотици граѓани на Нови сад се собраа вечерва пред градското собрание барајќи одговорност од надлежните. Демонстрантите од првите редови ги држеа фотографиите на сите загинати во падот на настрешницата на железничката станица, што се случи во петокот, кога загинаа 14 луѓе.
Толпата луѓе остави отисоци од своите раце со црвена боја, симбол на пролеаната крв, врз зградата на судот во Нови Сад, каде беше испишана и пораката „убијци“. Немири имаше пред седиштето на Српската напредна партија, каде демонстрантите ги искинаа и државните знамиња.
Тие залепија и плакати со фотографија од Томислав Момировиќ, министерот за градежништво и повикуваа тој да си даде оставка. Тука се појави и директорот на Студентскиот центар на Нови Сад, кого исто така со црвена боја го обоија студентите присутни на протестот.
-Овие бели рози, всушност го претставуваат животот на луѓето што го изгубија на Железничката станица во Нови сад. И дека секој од нив треба да биде запаметен и дека не смееме да ги заборавиме. Значи ние овие рози ќе ги оставиме на сите важни места каде граѓаните на Нови Сад ќе може да ги видат зашто нашите сограѓани и сограѓанки загинаа додека врз нив се урива настрешница, порачаа преку мегафон демонстрантите.