Архитектот на железничката станица во Нови Сад проектирал и два објекти во Македонија – еве кои се тие

7493

Железничката станица во Нови Сад е дело на архитектот Имре Фаркаш и неговите соработници од проектантското студио „Архитект“. Оваа зграда е изградена во 1964 година за рекордно краток рок од осум месеци, додека нејзината подоцнежна реконструкција во 21 век, позната како „кинеска“, траела три години.

Архитектите Имре Фаркаш и Милан Матовиќ го завршиле овој архитектонски бисер со висок квалитет. Станицата е изградена со четири колосеци за минување, два локални и пет колосеци за чекање, а просторот е поделен на четири функционални целини: дел за управување со сообраќајот, хол со чекални, ресторан и зона за истовар и преглед на возови. Кровот на станицата е инспириран од традиционалните панонски куќи, а влезното предворје, со својата „потковица“ како облик за пристап на патнички возила, ја дополнува уникатната атмосфера. Во дворот се наоѓаат и украсни цвеќиња, што дополнително го збогатува амбиентот.

Објектот е дизајниран за оптимална функционалност, овозможувајќи над 1.000 патници да стигнат од пероните до зградата во една минута.

Фаркаш е роден во 1924 година во Нов Бечеј и студирал архитектура во Белград, каде дипломирал во 1950 година. По дипломирањето, тој работел како асистент, а подоцна и како хонорарен наставник по Нацртна геометрија, Перспектива и техничко цртање на Архитектонскиот оддел на Техничкиот факултет во Скопје до 1955 година. Во тој период, тој е и помошник директор за проектирање на факултетот, а истовремено се занимавал со проектирање и статички пресметки. Негови познати проекти во Македонија се Гимназијата во Тетово (1951) и станбен блок за универзитетски наставници во соработка со архитектот Ристо Шекерински, кој е лоциран во центарот на Скопје на улицата Орце Николов.

По заминувањето од Скопје, Фаркаш продолжил да работи во Нови Сад како водечки архитект во проектантското биро „Архитект“, каде проектирал неколку јавни и училишни згради, како и голем број станбени објекти. Железничката станица во Нови Сад е еден од неговите најистакнати проекти и е изградена за неполни осум месеци. Во ентериерот на станицата, двоспратниот хол е опремен со уникатни „позлатени“ квадратни плочки кои создаваат впечатлива „цик-цак“ текстура на кровната конструкција, позната како „Фаркашево злато“, која додава топлина и добредојде за патниците.

Сепак, поради завист и интриги од некои колеги, јавноста тогаш не го поддржала предлогот Фаркаш да добие Октомвриска награда за овој проект, по што тој решил да ја напушти земјата. Во 1966 година се преселил во Канада, во градот Брамптон, каде продолжил со архитектонско проектирање сè до неговото пензионирање во 1996 година. Иако заминал далеку, никогаш не ја заборавил станицата во Нови Сад, а неговите канадски студенти често го посетуваат овој архитектонски бисер како почит на делото на нивниот професор.

Фаркаш починал пред околу десет години, а неговото дело останува запаметено, и покрај трагедијата што се случи на железничката станица во Нови Сад една деценија по неговата смрт.

Дел од текстот е преземен од danas.rs.

Претходна вестНа момче 2006г. му се ампутирани нозете до глуждовите, на девојка 2000г. ампутираните двете нозе, додека на третата девојка 2001г., ампутирана и е раката
Следна вестМВР: Писмено предупредена жената која се обиде да киднапира дете во Ѓорче Петров