Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани денеска одржа брифинг со новинари, на кој ја презентираше Реформската агенда на Северна Македонија во период од 2024-2027 година, која вчера беше и официјално одобрена од страна на Европската комисија.
Реформската агенда е дел од Планот за раст на Западен Балкан од 6 милијарди евра, од кои земјава треба да добие 750 милиони евра, додека првата транша во износ од 52,5 милиони евра се очекува да стигне до крајот на годинава.
Тој појасни дека исплатите според Инструменот за реформи и раст се условени со исполнување на одредени критериуми, што значи дека реформата прво треба да биде спроведена врз основа на одредени стандарди и преку почитување на одредени квалитативни и квантитативни чекори за да можеме прво да побараме исплата и истата да се одобри.
Муртезани појасни дека исплатата може да се прави два пати годишно, бидејќи сите реформи се поврзани со датуми, јуни и декември во текот на една година. Нагласи дека во случај на негативна оценка од страна на ЕК, односно проценка на ЕК за неисполнување на одредени услови, според претходно утврдени индикатори, ослободувањето на средствата ќе биде блокирано односно предвидениот прајс таг за таа реформа нема да се исплати се додека не се исполнат реформите.
Министерот слабата алка ја гледа во имплементацијата на Реформската агенда, односно во апсорпциониот капацитет на средствата. Истакна дека некои од министерствата не се во соодветна кондиција, некаде недостига професионален кадар, некаде има недостиг на кадар, некаде не се усогласени или погрешно стуктуирани и сето ова, според него, може да предизвика проблеми при апсорпцијата на средствата.
– Најголемата главоболка е структурата за имплементирање на Реформската агенда. Како Министерство добивме одредени генерални насоки за тоа како треба да изгледа целата структура на следење, мониторинг, евалуација…Оваа структура претежно ќе биде во координација на МЕП, меѓутоа во соработка со МФ, заради финансиската компонента на целата Реформска агенда. Тоа што сега изгледа дека ќе биде структура, подразбира дека секое Минисерство ќе биде носител на одредена област. Засега точно се знае дека МП ќе биде носител на петтиот столб, бидејќи таму има реформи во надлежност само на Правда, додека кај другите области ќе мора да се договорат да бидат копретседавачи во зависност од тоа кои реформски чекори се предвидени, рече Муртезани.
Вториот предизвик, според него, е листата на проекти, бидејќи, како што кажа таа листа засега изгледа на листа на желби, која понатаму треба да се преточи во листа на проекти и тие проекти за да станат предмет на финансирање мора да станат зрели.
Додаде дека освен се ова што е предвидено како механизам, секогаш ЕК има право на дополнителни проверки и барања ако смета дека одреден чекор не е како што треба спроведен.
-Ако ние сме се обврзале на реформи, а сме добиле алокација на средства за нивно спроведување, јас секогаш ќе се држам до тоа што е преземено. Ако некои министри сметаат дека одреден проект треба да се направи различно, тоа е нивно право, но треба да најдат извор на финансирање. Овој процес е заокружен и затоа имаме список на потенцијални проекти.
Вели дека Реформската агенда е добра шанса на брза трака ние да направиме одредени реформи за кои во нормални услови би требале од седум до десет години.
-Целта на РА е нас брзо да не спреми да бидеме членки на ЕУ. Јас како министер за европски прашања ќе се залагам и тоа ќе го правам на секоја владина седница, ќе реферирам како тече процесот на реформи. Дури и на колегите од Министерството веќе купив три картони – зелен, жолт и црвен и тие што ги спровеле реформите ќе им биде врачен зелен, тие што имаат проблеми жолт, а тие што доцнат – црвен. Нема да ми биде проблем овој механмизам да го направам и јавен бидејќи сакам министерствата да имаат и јавен притисок да ги спроведат реформите. Во политиката казната следува на избори. Ако ние не ги апсорбираме сите пари ако одредени министерства се неуспешни казната на некој начин ќе следи, нагласи Муртезани.
На брифингот беше посочено и дека во Регулативата за реформи и раст од мај 2024 постојат одредени правила и во однос на времетраењето во кое треба да ги исполниме реформите, односно ветувањата што сме ги дале и кои се втемелени во Реформската агенда.
-Во исполнувањето на реформите има т.н. грејс период од 24 месеци, што значи дека средствата што се таргетирани за тие реформи доколку не успееме да ги реализираме до дадениот период, имаме 24 месеци грејс период, а оттогаш натаму за другите години грејс периодот е до 12 месеци. Она што сакам да нагласам е дека динамиката треба да се следи и да се обидеме максимално да ја следиме така како што е предвидена, не сметајќи на овој грејс период. Треба можеби и да го заборавиме грејс периодот или само во исклучителни случаи, затоа што ако го користиме и се потпираме на него, тогаш ќе почнат да се таложат тие три години, односно ќе се зголемат обврските за следната година, и до 31 август 2027 година ќе се судрат премногу обврски кои можеби многу тешко ќе можат да се реализираат, рече државниот советник во МЕП Драган Тилев.
Со Реформската агенда ќе се спроведуваат 37 реформи во 136 чекори во областите Управување на јавни финансии и Реформи на јавна администрација, Зелена енергија, Дигитализација, Човечки капитал, ПСД и Деловно опкружување (развој на приватен сектор и деловно опкружување), Фундаментални вредности и владеење на правото.