Од ВМРО-ДПМНЕ пристигнуваат честитки за Албанската академија: „Среќен почеток“напиша Славески

974

„Среќен почеток на Научно-уметничкото друштво од Тетово“, напиша високиот функционер на ВМРО-ДПМНЕ, професорот Трајко Славески за најавата дека неколку општини ќе ја финансираат новата Албанска академија на науките, пренесе Фокус.

Претседателот на Советот на Град Скопје и поранешен министер за финансии од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, универзитетскиот професор Трајко Славески, на Твитер напиша огромна честитка за иницијативата на партиите на Албанците во власта за отворање на „Академското здружение за наука и уметност на Албанците“ како пандан на МАНУ образложувајќи дека општеството и науката имаат потреба од такво нешто.

„Силно ја поддржувам иницијативата за основање на Научно-уметничко друштво (НУД) со работен наслов „албанска Академија на науките и уметностите“ со седиште во Тетово. Науката треба да се поддржува како замаец на прогресот во едно општество. Сигурен сум дека и ова НУД може да придонесе за јакнење на свеста за важноста на науката, а низ конкретни проекти да даде продонес во општествената сфера и развојот на економијата и индустријата во нашата земја.

Новото Научно-уметничко друштво со седиште во Тетово би требало да добие поддршка од веќе постојното слично научно-уметничко друштво со седиште во Битола. Друштвото за наука и уметност од Битола е основано во април 1960 година, а подоцна беше преименувано во Македонско научно друштво – Битола. Претставува стожер на научно-истражувачките и уметнички активности во Пелагонискиот регион.

Што се однесува до тетовското научно-уметничко друштво (во основање), би било добро тоа да се отвори и за членови од другите етнички заедници од Полошкиот регион, каков што е случајот и со битолското друштво за наука и уметност. Втората препорака се однесува на потребата поактивни во процесот на основање да бидат научниците и уметници од албанската етничка заедница, а не претставници од одредени политички партии.

Политичарите кои ја поддржуваат иницијативата се расфрлаат со ненаучни тези. Ќе издвојам една – дека, наводно, МАНУ била центарот на науката и најпродуктивната научна институција во земјата. Не е! Научно докажано, тоа се нашите универзитети. А на колегите научници и уметници, асоцирани околу НУД Тетово, им посакувам среќен почеток и плодна научно- истражувачка и уметничка дејност“, пишува Славески.

Извор: Фокус.мк

претходниот член,ВЕЧЕРВА голема акција во Македонија: Над 35 полицајци и цариници се уапсени
Следната статијаИрец вели дека „гние“ откако ја примил вакцината против Ковид-19