Значително поскапува студентското домување во Германија

122

Студентите кои бараат стан или соба мора да сметаат на повисоки трошоци за кирија, соопшти Институтот за германска економија. Студентските станови и соби во таканаречените станбени заедници од лани поскапеле за 5,1 отсто.

Анализата на кириите во 38 германски универзитетски градови покажува скок на цените насекаде освен Хајделберг. Најмногу поскапеле становите во Берлин и Лајпциг, за 9,4 и 9,3 отсто, пренесува ДПА.

Репер за општа споредба е цената на стан од 30 квадрати без мебел и други трошоци во близина на некоја високообразовна институција.

Ваков стан најмногу чини во Минхен, со 807 евра, потоа следуваат Берлин со 678 и Франкфурт и Штутгарт со 674 евра. Најевтини се студентските станови во Кемниц и Магдебург, со 263 и 333 евра.

Слично е и со соби од 20 квадрати во станови кои заеднички ги издаваат неколку студенти. Повторно најскап е Минхен со 588 евра, пред Констанц, Хамбург и Франкфурт со 558, 542 и 535 евра.

Движењето на цената на студентските станови ја отсликува општата слика на пазарот. Многумина се откажаа од градење сопствен дом под налетот на поскапувањата и инфлацијата во последните две или три години.

Ова го зголеми притисокот врз пазарот на имот за изнајмување, па дури и се прелеа во типично студентски станови. Во 29 од 38 градови од анализата, недостигот на станови што се нудат се влоши, а тоа ја зголеми цената.

Германскиот институт предупредува дека недостигот на станови е уште еден фактор за влошување на кризата на работната сила во домашната економија и кочница за економскиот раст.

„Странците ќе имаат помала веројатност да дојдат во Германија ако немаат шанса да најдат стан“, напиша експертот за недвижности, Мајкл Фоигтлендер, во предговорот на студијата.

Во финалната пресметка тоа може да влијае на економскиот раст.

претходниот член,Иранска балистичка ракета пронајдена во Либан по израелски напад
Следната статијаТони Крос е најголемата грешка на Манчестер Јунајтед