СДСМ денес на Конгрес ќе го анализира изборниот пораз

143

Денес СДСМ на отчетен Конгрес ќе го анализира поразот на претседателските и на парламентарните избори. Досегашниот претседател на партијата Димитар Ковачевски по изборниот пораз седница на партискиот Извршен одбор што се одржа на 22 мај официјално го потврди повлекувањето од функцијата претседател на СДСМ и побара свикување конгрес и организирање внатрепартиски избори.

Централниот одбор на партијата предложил и измени на Статутот на партијата за мандатот на претседателот избран на вонредни внатрепартиски избори да биде четири години.

Паралелно со барањето на внатрепартиската одговорност, продолжуваат активностите на кандидатите за лидерската функција. Во меѓувреме, на 6 јуни заврши рокот за кандидирање за претседател на СДСМ. Во периодот од 31 мај до 6 јуни, рок определен за кандидирање, кандидатури за претседател на партијата поднесоа поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, поранешниот министер за здравство Венко Филипче, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски и актуелниот заменик-министер за информатичко општество и администрација во техничката влада, Александар Бајдевски.

-Утврдени кандидатурите на Венко Филипче, Славјанка Петровска, Јован Деспотовски и Александар Бајдевски за изборите за претседател на партијата што ќе се одржат на 30 јуни, соопштуваат од СДСМ.

На интернет-страницата на партијата веќе се објавени програмите на Филипче, Петровска, Деспотовски и Бајдевски. Според жрепката под број 1 ќе биде кандидатот Венко Филипче, број 2 Александар Бајдевски, број 3 Јован Деспотовски, број 4 Славјанка Петровска.

Комисијата констатира дека кандидатурата на Златко Ристевски од Битола не може да биде потврдена поради неисполнување на критериумите пропишани со Статутот и правилникот.

Како и во секој изборен процес и во овој внатрепартиски, сите четворица велат дека ќе обрнат поголемо внимание на гласот на членството кое било подзаборавено во политичките процеси.

Доскорешниот потпретседател на партијата, сега пратеник Фатмир Битиќи, на социјалните мрежи објави дека нема да се кандидира, иако многумина тоа го очекувале. Најави дека останува во СДСМ и дека можеби ќе делува како фракција.

Претстојните избори ќе бидат трети внатрепартиски избори на кои претседателот на СДСМ ќе се бира со непосредно гласање на членството. По нивното воведување, првите се одржаа во март 2021 година кога екс-лидерот Зоран Заев доби нов мандат. Меѓутоа, за помалку од една година следуваа и вторите на кои победи Ковачевски откако токму Заев поднесе оставка по поразот на локалните избори во октомври 2021 година.

Претходна вестВЛЕН добива: МЕПСО, Пошта, Македонија Пат, Царина, УЈП, ЕЛЕМ, Пензиски фонд, Финансиска полиција, Фондот за здравство.. – погледнете ги сите кадри
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: СДСМ полека станува изолирана партија