Ковачевски ги објави имињата на носителите на пратеничките листи на СДСМ – Конгресот ќе одлучи дали ќе останат истите

229

Имињата на носителите и коносителите на кандидатските листи за пратеници на СДСМ и коалицијата за претстојните парламентарни избори се очекува и официјално да бидат потврдени на вечерашниот 28. конгрес на партијата.

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Димитар Ковачевски, вечерва пред почетокот на 28. конгрес на партијата во обраќање пред делегатите и пред медиумите официјално ги обзнани имињата на носителите на пратеничките листи на СДСМ и коалицијата за претстојните парламентарни избори.

Листата за пратеници во првата изборна единица, како што и досега беше познато, ќе ја предводи токму партискиот лидер Димитар Ковачевски, а на позицијата коносител на листа ќе биде претседателката на коалициската Либерално-демократска партија, Моника Зајкова.

Изборната единица 2 ќе ја предводи ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а коносител ќе биде партискиот потпретседател и актуелен вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи.

Носителка на листата за пратеници во третата изборна единица ќе биде заменик-претседателката на СДСМ и директорка на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска, а Љупчо Николовски, кој е актуелен министер за земјоделство, ќе биде коносител во „тројката“.

Листата во „четворката“ ќе ја предводи поранешниот министер за здравство Венко Филипче, а коносителка во оваа изборна единица ќе биде поранешната министерка и актуелна дополнителна заменик-министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Носител во петтата изборна единица ќе биде актуелниот собраниски спикер Јован Митрески, а на позицијата коносител во „петката“ ќе биде министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојческа.

Пратеничката листа на СДСМ во изборната единица 6 ќе ја предводи претседателката на Централниот одбор на партијата и актуелна министерка за одбрана Славјанка Петровска, а коносител ќе биде Агрон Демири.

Имињата на носителите и коносителите на пратеничките листи на СДСМ и коалицијата за претстојните парламентарни избори се очекува и официјално да бидат потврдени на вечерашниот 28. конгрес на партијата.

„Како што стојам тука и од вас ја барам поддршката за кандидатските листи на СДСМ, така утре сите заедно ќе стоиме пред граѓаните да ја бараме поддршката за европска Македонија. Поддршка за пратениците кои ќе ја донесат одлуката да се донесат сите потребни измени за Македонија до 2030 година да стане земја членка на Европската Унија. Да сте ми живи и здрави, да живее СДСМ, да живее европска Македонија. И на крајот – нема откажување од иднината“, порача, меѓу другото, лидерот на СДСМ пред вечерашниот конгрес на партијата.

Со пораката „одовде почнува победата“, Ковачевски во обраќањето пред затворениот дел на партискиот конгрес ги претстави и десетте главни столба за работата на СДСМ во следните четири години.

Претходна вест(ВИДЕО) Терористите не се познавале меѓу себе, првата средба им била во хостел во Москва
Следна вест(ВИДЕО) Предложена награда за мажот кој разоружил терористот во текот на нападот во Москва