Се слави Рамазан Бајрам – празник на добрината, љубовта и милоста

188

Верниците од исламска вероисповед во земјава денеска го слават Рамазан-бајрам, еден од своите најголеми празници. Празникот се слави три дена и почнува токму по завршувањето на постите, со што се означува крајот на месецот Рамазан, во кој муслиманите постеа, односно не јадеа и не пиеја ништо од изгрејсонце до зајдисонце.

Месецот Рамазан трае во текот на целиот деветти месец од исламскиот календар. Се верува дека во текот на тој месец светата книга — Куранот му бил откриен на архангелот Гаврил, кој потоа му го пренел на пророкот Мухамед. Рамазан е време на пост, молитва, солидарност и милосрдие, во кој муслиманските верници целодневно се воздржуваа од конзумирање храна, цигари, алкохол, но и од лоши мисли, идеи и дела. Постот почнувал со изгрејсонце (суфур) и траел до зајдисонце (ифтар). Јадење и пиење беа дозволени во текот на ноќта. Од пост се ослободени децата, бремени жени, доилки и болните.

Рамазан е еден од Петте столба на исламот. Останатите се верата, молитвите, поклонението и давањето милостина. Тоа е месец на добрина, милост, љубов и простување. Верувањата се дека кога ќе дојде празникот, портите на џенетот (рајот) се отвораат, портите на џехенем (пеколот) се затвораат. Муслиманите сметаат дека Рамазан на секој дом му носи полни раце дарови — милост, благодат и проштевање. Куранот вели дека Рамазан има четири димензии — духовна, морална, солидарна и здравствена.

Самиот ден кога се слави Бајрам започнува со Рамазан-Бајрамска молитва, потоа се оди на гробишта да се посетат гробовите на предците и блиските. Потоа се честита празникот прво на најстарите (им се целива рака), а потоа на останатите. Помладите секогаш одат кај постарите. За славењето на денот се приготвуваат и служат традиционалните бајрамски јадења (бајрамско месо, аландити и баклава).

За празникот се испраќаат пораки полни со солидарност и со изрази на морална помош. Овој ден е и повод да се истакне почит и сочувство кон муслиманите што трпат маки, што живеат во услови на војна и што се потчинети. Целта на Бајрамот е сите да се потсетат на сиромашните, на децата без родители и на осамените, но и да се најде начин да им се овозможи овој ден да го поминат достојно.Хуманоста е една од главните димензии што го отсликуваат празникот. Тоа, според толкувачите на исламот, е должност на секој муслиман за Бајрам.

По повод празникот честитка до верниците од исламска вероисповед упати поглаварот на ИВЗ, реисул улема, Шаќир Фетаи, со желби и „молејќи го Семоќниот Алах со Својата милост да ни ги прифати сите наши молитви, нашиот пост и сите наши дела направени за време на светиот месец“.

-Во овие празнични денови на Бајрам, ќе му се заблагодариме на Возвишениот Алах за тоа што ни овозможи да го постиме Рамазан и за благодатите што ни ги подарил. Го молиме Возвишениот Алах да ни ги прифати сите добри дела и молитви што сме ги направиле за време на месецот Рамазан. Го молиме Возвишениот Алах да престанат сите вооружени конфликти во светот, да владее мир насекаде, бидејќи само во мир човештвото може да оди напред кон нови случувања, за доброто на сите луѓе, без разлика на раса, пол, вероисповед или етничка припадност. Браќа и сестри! Каде и да сте, дозволете ми, во име на Исламската верска заедница, нејзините органи, нејзините образовни институции и во мое лично име, да упатам искрени честитки, молејќи го Семоќниот Алах со Својата милост да ни ги прифати сите наши молитви, нашиот пост и сите наши дела направени за време на месецот Рамазан. Нека вие е честит Фитр Бајрам, се истакнува во честитката на поглаварот на ИВЗ Фетаи.

претходниот член,Изгоре дел од Универзална сала, приведени три лица, две жени завршија на токсикологија
Следната статијаВАЖНО: Доколку денес се возите со ЈСП – ова мора да го знаете