Во петтото коло од Првата женска кошаркарска лига, тимот на Вардар забележа победа над актуелниот шампион Баскет Кам со 64:62, со поени буквално во последните секунди од средбата.
Домаќинот Вардар ја доби првата четвртина со 18:17, а дополнително засили во вториот период, со што на одмор замина со позитива од 37:29.
И покрај тоа, актуелните шампионки направија целосен пресврт, добивајќи ги следните десет минути со 11:22, за водство од 48:51. Последните десет минути им припаднаа на домаќинките.
Последниот напад го имаше шампионот, при што Моника Зафировска од редовите на Вардар ја украде топката и во контра напад шутираше за три поени, каде беше фаулирана. „Деветката“ на „црвено-црните“ реализираше две од три, доволни за голема победа од 64:62.
Вардар има пет победи во исто толку натпревари, додека ова беше прв пораз за Баскет Кам, кои имаат уште четири победи.