Ерик Тен Хаг беше задоволен од изданието на неговиот тим во првото полувреме од дербито со Манчестер Сити, но во својата анализа нагласи дека ја „загубиле главата“ откако примиле втор гол на стартот на вториот дел.
Холандскиот стручњак има уште многу работи за решавање во својот тим и евидентно е дека недостасуваат доста работи во играта на Јунајтед, па иако со своите изјави ги уверува фановите дека тие се на вистинскиот пат, сепак убедливиот пораз во дербито не го оставил мирен.
По последниот судиски свиреж, од очите на Тен Хаг можеше да се прочита дека е бесен, а сега англиските таблоиди откриваат дека тој подготвил казна за своите фудбалери веќе во соблекувалната.
„Сан“ обелоденува дека Тен Хаг им наредил на своите фудбалери да молчат и да бидат тивки без да изустат еден збор, со цел да го слушаат славјето од гостинската соблекувална.
Овој метод на Тен Хаг секако бил искористен за да се испрати јасна порака до фудбалерите, кои уште еднаш потфрлија на домашен терен и приредија разочарување за верните фанови на театарот на соништата.