Откако премиерот Димитар Ковачевски ја повика ВМРО-ДПМНЕ во работната група за Изборниот законик да се договори датумот за изборите, а опозицијата одби, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски обвини дека власта се плаши од изборно соочување.
Нема поместување на позициите помеѓу власта и опозицијата за договор за средба на која ќе се утврди датумот за изборите. Откако премиерот Димитар Ковачевски ја повика ВМРО-ДПМНЕ во работната група за Изборниот законик да се договори датумот за изборите, а опозицијата одби, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски обвини дека власта се плаши од изборно соочување. Ниту претседателот на работната група Александар Новаковски досега не е известен дека работната група за Изборниот законик треба да го договара датумот за изборите.
Претседателот на Собранието Талат Џафери на брифинг со новинарите изјави дека за него е неприфатливо на 8 мај да се одржат изборите, единствен датум на кој претседателските и парламентарните избори се среќаваат во редовен термин, а на кој, пак, инсистира Мицкоски.
Мицкоски: Мачо-тактика
– Нема датум за избори затоа што во владините партнери имаат чудна мачо-тактика, а од друга страна молат Бога никогаш да не се случат избори, бидејќи карактерно се кукавици. Во јавноста имаат мачо-пораки, а во суштина се плашат да излезат на избори и прават калкулации. Ако оделе на редовни избори, без разлика што ќе трошат десетици милиони народни пари, мислат дека ќе имале добар резултат на претседателските, па што подалеку ќе биле парламентарните и луѓето ќе отишле на годишни одмори, излезеноста ќе била помала и на тој начин ќе постигнеле некаков конкурентен резултат и како третопласирани на изборите ќе имаат можност да учествуваат во идната влада. Но, тоа е математика што нема да биде таква. Ќе доживеат катастрофа на претседателските, а потоа уште поголема катастрофа на парламентарните избори – изјави Мицкоски.
Тој упати порака до сите, како што вели, чесни членови на СДСМ и до раководството, кои не се согласуваат со политиките на малкумината од врхушката, да не бидат измеќари на ДУИ.
– Ја слушнавте изјавата на Талат Џафери, тој диригира, а Ковачевски, Зечевиќ, Спасовски и Пендаровски играат. Како што тој диригира, тие така играат. Затоа ги повикувам сите членови на СДСМ, има место за сите, напуштете ги овие луѓе, одат во бездна, а со нив и Македонија оди во бездна. Тоа што тие го заговараат се претседателски избори во март и парламентарни во јуни.
Се наоѓаме на помалку од четири месеци пред официјалната кампањата за претседателските избори. Препораките на ОБСЕ и ОДИХР се јасни – шест месеци пред почеток на кампања не смее да има измени на Изборниот законик. Од почетокот се проблематизира кампањата. Да седнеме час поскоро и да излеземе од овој ќорсокак во кој сакаат да ја втурнат Македонија – вели Мицкоски.
Премиерот Ковачевски, откако првично одби на лидерска средба да се договора датумот на изборите и порача разговорите да се водат во работна група во Собранието, минатата недела ја повика ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во работната група за измени на Изборниот законик и таму да се договорат за изборите.
– Ги поттикнувам да делегираат свој претставник во работната група при Министерството за правда, бидејќи не може една или две партии да одлучуваат за процес во кој учествуваат 30 и повеќе политички партии. Местото за такво нешто е во работна група која, како и секогаш, тоа го прави – рече тогаш Ковачевски, иако досега никогаш датумот за изборите не бил договаран на таков начин.
Според Ковачевски, во таа работна група прво ќе бидат усогласени финално препораките на ОБСЕ/ОДИХР во законот и ќе може да се разговара за точниот датум на изборите. Сè друго, според премиерот, е вонинституционално.